Жизел Бундшен проговори за самоубиството и врската со Леонардо Дикаприо

Жизел Бундшен денес е омажена за успешен спортист и е еден од најплатените модели во светот. Но, вели таа, животот не е совршен како што изгледа отстрана. Бразилскиот супермодел раскажа за  паничните напади и мислите за самоубиство кои започнале во периодот кога кариерата ѝ одела по нагорна линија, односно кога стана ангел на Victoria’s Secret и кога започна врска со Леонардо Дикаприо.

Во нејзиниот нов мемоар „Lessons: My Path to a Meaningful Life“, таа зборува за анксиозноста, суицидните мисли и пластичната операција на градите за која и денес и е криво што ја направила.

„Сè може да изгледа совршено однадвор, но вие не можете да знаете што навистина се случува. Чувствував дека е време да споделам некои од моите слабости и сфатив дека не би променила ништо што преживеав затоа што сум тоа што сум поради тие искуства“, вели таа во интервју за People.

Првите чекори во модната индустрија за Жизел биле тешки.

„Ќе ми речеа: Носот ти е преголем и очите ти се премали, никогаш нема да бидеш на корица на списание“ – раскажува таа. Но, откако се појави на ревија на Александар МекКвин во 1997 година, светот ги насочи погледите кон нејзината атлетска фигура, а Вог ја претвори во симбол на враќањето на облините на пистите.

Три години подоцна, таа потпиша договор од 25 милиони долари со Victoria’s Secret и започна врска со Леонардо Дикаприо. Сосема очекувано, интересот на медиумите за Жизел започна да расте, а со тоа се појавиле и првите панични напади.

Првиот паничен напад се случил во 2003 година додека патувала со авион, а набрзо потоа развила фобии од тунели, лифтови и тесни простории. „Се чувствував беспомошно. Твојот свет станува помал и помал и не можеш да дишеш, а тоа е најлошото чувство кое сум го имала“ – вели таа.

Кога започнала да има панични напади и дома, таа добила и суицидни мисли. „Имав чувство како: Ако скокнам од балконот, сè ќе заврши и нема да треба да се грижам за ова чувство дека мојот свет се затвора“ – открила таа.

Откако посетила специјалист и ѝ биле препишани лекови, одлучила дека не сака да стане зависна и започнала од лекарства сериозно да си го менува начинот на живот.

„Пушев цигари и пиев по едно шише вино и 3 мока фрапучиња секој ден и од сè се откажав во еден ден. Си мислев, ако нешто од ова ми предизвикува болка во животот, мора да го отстранам“ – раскажува Жизел.

Во 2005 година таа одлучила и да ја прекине врската со Леонардо. „Секој што ни го пресретнува патот е учител, тие доаѓаат во нашите животи и ни откриваат нешто за нас. И сметам дека тој беше тоа. Што е добро наспроти лошо? Го ценам заради тоа што беше“ – објаснила таа.

Жизел моментално е во брак со Том Брејди со кого има две деца – Вивиен и Бенџамин. И двете таа ги доела до 18 месеци, а тоа се одразило на изгледот на нејзините гради, па пред речиси три години, направи пластична операција за која веднаш зажалила.

Текстот Жизел Бундшен проговори за самоубиството и врската со Леонардо Дикаприо е превземен од Reporter.mk.