Британски академик за пет минути осуден на доживотна робија

Британскиот академик Метју Хеџис е осуден од страна на судот во Абу Даби на доживотна робија, поради наводна шпионажа. Судењето, како што тврди неговата сопруга траело само пет минути.

Метју Хеџис кој бил на докторски студии на Дурам универзитетот, бил уапсен на аеродромот во Дубаи на 5 мај.

Како што наведува неговото семејство, дури ни адвокатот негов не присуствувал на судењето. Неговата сопруга Даниела Тејада изјавила дека Метју не знаел арапски, и дека не бил во можност да добие соодветна одбрана во текот на судењето.

„Едноставно не знам што да правам. Метју е невин. Министерството за надворешни работи на Британија знае за овој случај и многу јасно им ставија до знаење на властите во Обединетите Арапски Емирати дека Метју не е шпион“, изјавила сопругата на младиот доктор на науки, која исто така присуствувала на судењето.

Семејството, како што вели е во агонија и не знае што ќе се случува со Метју во иднина.

„Ова се најлошите 6 месеци во мојот живот, а Метју кој се тресеше кога ја слушна пресудата е препуштен самиот на себе. Овдешните власти би требало да се срамат поради оваа очигледна неправда. Многу се плашам за Метју. Не знам каде го носат, ниту што понатаму ќе се случува со него“, изјавила Даниела.

Семејството имало надеж дека Метју ќе биде ослободен со кауција и деа ќе може да се брани од слобода, откако минал пет месеци во самица. Како што вели неговата сопруга, Метју пател од суицидални намери, со оглед на нехуманите услови во затворот.

Британскиот секретар за надворешни работи Џереми Хант и Алистар Барт, министерот за Блискиот исток, пристигнале на Емиратите, кога Метју бил уапсен за да сведочат во негова корист.

„Многу сум шокиран и длабоко разочаран од ваквата пресуда. Ова не е она што го очекувавме од пријателите и партнерите на Велика Британија и целосно е спротивно од досегашните убедувања“, изјавил Хант.

Оваа пресуда, како што наведуваат британските медиуми, ги загрижи и останатите академици од Британија и остатокот од светот, кои работат на Емиратите, но ги доведува во прашање и односите на двете земји.

Повеќе од 200 професори од институции ширум светот, повикаа на ослободување на нивниот колега, наведувајќи дека обвинувањата на сметка на Метју, ќе ги доведе во прашање академските врски меѓу Велика Британија и Обединетите Арапски Емирати.

Метју на Емиратите работел и истражувал на тема на влијанието на Арапската пролет, на надворешната политика на земјата и безбедносната стратегија.

Веста за пресудата беше пренесена како главна од страна на сите водечки светски медиуми.

Текстот Британски академик за пет минути осуден на доживотна робија е превземен од Reporter.mk.