Мистерија стара 40 години – кој го украде тестаментот на Тито?

Поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, зад себе оставил политички тестамент кој никогаш подоцна не бил пронајден. Ова го раскажува познатиот адвокат од Белград Том Фила, кој е еден од ретките кои имал средби со поранешната прва дама на Југославија и сопруга на Тито, Јованка.

Фила за српски Курир открива дека Тито го сокрил тестаментот во сефот, кој подоцна требало да го отвори Јованка. Но, таа по неговата смрт во 1980 година е исфрлена од куќата. Сефот го отворил шефот на тајната полиција на Југославија Стане Доланц и генералот Никола Љубичиќ.

Потоа писмото мистериозно исчезнува, раскажува Фила. Адвокатот речиси 25 години преку правен пат се борел Јованка да ја добие заслужената пензија, личниот имот и многу други работи кои ѝ следувале. Додека траела борбата, Јованка му се доверила за исчезнатото мистериозно писмо кое Маршалот секој пат го ставал во сефот.

„Јованка тврдеше дека Тито секој пат ѝ давал писмо, кога ќе тргнел на пат. Тој го ставал писмото во сефот со другите важни документи. Ќе ѝ кажел на Јованка дека ако нешто му се случи, таа да го прочита и да ги следи упатствата. Таа никогаш не го прочитала писмото. Никогаш не го отворила. А тоа писмо беше неговиот тестамент“, вели Фила.

По смртта на Тито, Јованка е исфрлена од вилата во која живееле 35 години. Избркана е во ноќните часови, со закана со пиштол и како што самата тврдела без можност да ги земе личните работи.

„Доланц и Љубичиќ ја избркаа и го отворија сефот. Дали го пронашле писмото за кое Јованка зборуваше и кое таа требало да го прочита не знаеме. По отворањето на сефот, на писмото му се губи секаква трага. Некој го видел и го сокрил на страна“, вели Фила.

Тоа не било прв пат Јованка да го споменува тестаментот на Тито и да го обвини Доланц дека го сокрил.

„Слушнав од една воена другарка, дека Тито напишал тестамен ѝ направил осум примероци од истото. Тој ја предаде една од копиите на другарот Коста Наѓ, кој беше генерал на армијата. Во документот меѓу останатото пишува Јованка лично да водам сметка за сите работи кои ќе останат по него, затоа што таа знае најдобро како треба. Таа слушнала подоцна дека Доланц му се заканил на Наѓ да не излезе со писмото во јавност затоа што лошо ќе помине“, раскажува Фила за писмото кое Јованка го напишала до нејзина доверлива личност.

Тестаментот на Тито и мистериозното писмо никогаш не биле пронајдени. Адвокатот Том Фила вели дека не верува во приказната дека Јованка Броз имала политички аспирации. Најдобра потврда за тоа е фактот колку Јованка му била лојална на Маршалот, за време на една од нивните заеднички посети во Франција.

„На еден бал во Франција, настана инцидент, откако од торбата на Јованка испадна пиштол. Обезбедувањето брзо се обидело да го сокрие. Тито имал голема доверба во неа, а таа му била последната линија на неговата одбрана. Затоа Јованка чувала мал пиштол за ликвидација. Ако службите задоцна со реакцијата, таа требало да го заштити со нејзиниот живот, да загине за него. Таа Тито го сакала до лудило и никако не може да се каже дека со него била од интерес“, вели Фила.

Текстот Мистерија стара 40 години – кој го украде тестаментот на Тито? е превземен од Reporter.mk.