Новинарите одбиваат да веруваат дека Маринова била убиена случајно

Бугарските новинари и главниот уредник каде работела бугарската истражувачка новинарка Викторија Маринова одбиваат да веруваат дека нивната колешка била убиена случајно. Велат дека ова убиство треба да претставува предупредување до сите нив, поради нивната истражувачка работа и откриениот криминал со европските фондови.

Локалниот бугарски портал Ruse24 пренесува дека неколку метри од местото каде е пронајдено телото на убиената новинарка Викторија Маринова, бил пронајден дел од црвената блуза која ја носела тој ден.

Претходно регионалниот обвинител Ѓорѓи Ѓорѓиев потврдил дека дел од нејзината облека, клучевите од автомобилот и нејзиниот мобилен телефон исчезнале. Исто така истражителите потврдиле дека на местото на убиството се пронајдени голем број на ДНК примероци, што е несомнен доказ дека станува збор за обично убиство.

Ваквиот став го поддржува и бугарскиот криминолог Ботев Ботев, кој за време на гостувањето во утринската програма на „БТВ“ телевизија, изјавил дека мотивот за убиството нема врска со истражувањето за корупцијата на кој Маринова работела во последните месеци, туку дека станува збор за обичен случај.

„Напаѓачот е психопат на кој не му е прв пат да нападне жена“, изјавил Ботев, потсетувајќи на нерешениот случај со бруталното убиство на жената во истиот град, злостор кој се случил пред повеќе од десет години. Исто така Ботев потсетил и на неколкуте убиства и нерешени случаи на напади на жени во истиот град. Злостори во кои жртвите биле одбирани по случаен избор.

„Ние повикуваме на независна истрага. Сакаме независните европски истражители да бидат вклучени во истрагата затоа што веруваме дека бугарските власти се дел од криминалната мрежа“, изјавил Ботев.

Токму новинар од порталот Bivol.bg, бил еден од последните гости во „Детектор“, емисија која Маринова неодамна почнала да ја води на „БТВ“. Истраживачкиот новинар Димитар Стојанов и неговиот колега Атил Биро од проектот Romanian Rise Project, со Маринова разговарале за малверзациите со парите од фондовите на Европската унија, во кои биле вклучени познати бизнисмени и политичари, а чии организации биле истражувани како дел од поширок проект финансиран од фондот на Европската комисија IJ4EU и Европскиот центар за слобода на медиумите.

Порталот Bivol.bg објавил текст под името „GPGate: Консултантски компании вклучително и голема корупција со ЕУ фондовите и јавните набавки“, во кој се тврди дека компаниите поврзани со „GP групата“, давале мито и манипулирале со јавните набавки. Порталот открил и дека кражбата на пари се одвивала со помалку сработена работа од планираното, помалку користење на материјали од наведените, но сето тоа уредно наплатено од јавните тела во целосен износ.

Како што велат разликата во износите е „корупциски данок“, во износ од 30 до 40%. Bivol.bg наведува дека малку е веројатно дека GP шемата е исклучок и дека веројатно постојат неколку слични мрежи во земјата во кои се вмешани сите главни играчи во јавните набавки и апсорцијата на фондовите на ЕУ.

За да тендерите минувале глатко и проектите напредувале, консултантите, како што се наведува во извештајот, биле подмитени на сите нивоа. Од заменици министри па се до ревизорите, а тоа било заклучно со проучувањето на тајните сметководствени книги на компаниите Rila Consult, Europrogramconsult, M Consult Finance, EU Energy Project и други.

Провизиите кои чинеле 55% од приходите на консултантските фирми, уредно биле заведени во табели во „Ексел“, а уредниците на порталот Bivol.bg располагаат со податоците од ноември 2013 година до февруари 2015 година, пишува Novac.hr.

Извештаите за малверзациите во неколку градежни проекти завршува со најава дека резултатите ќе бидат проследени до Европската агенција за борба против измама.

Инаку сопственикот на порталот Bivol.bg Асен Јорданов изјавил за агенцијата AFP дека веќе ја примил информацијата дека неговите новинари се изложени на опасност поради своите истражувачки трудови, чии резултати биле објавени во емисијата „Детектор“, на убиената Викторија Маринова.

За убиството на колешката, Јорданов вели дека станува збор за егзекуција и вели дека е замислено да биде како предупредување за останатите нејзини колеги.

Текстот Новинарите одбиваат да веруваат дека Маринова била убиена случајно е превземен од Reporter.mk.