Пилотот на Хитлер ги негира теориите дека фирерот избегал во Аргентина

Во неодамнешниот објавен дневник што го водел Ханс Баур, пилотот на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер, открил дека неговиот лидер, пред да изврши самоубиство со неговата жена Ева Браун, го одбил неговиот совет да побегне во Јапонија ии Аргентина. Хитлер со Ева извршија самоубиство во бункер во Берлин.

Генерал-полковникот Ханс Баур, кој му бил и личен пријател на Хитлер, открива дека нацистичкиот лидер му кажал „завршувам денес“, на денот кога го извршил самоубиството. Дневникот на Баур ги осветлува последните денови од Рајхот, во деновите пред падот на Берлин, кога советските трупи го освоиле во 1945 година.

Според наводите на пилотот, тој се обидел да го убеди Хитлер дека сè уште има авиони со кои би можел да побегне во Јапонија, Аргентина или кај некој шеик благонаклонет на политиката против Евреите.

Но, Хитлер ваквата понуда ја одбил, инсистирајќи дека неговата судбина била да опстане или да падне заедно со Берлин.

„Човек мора да биде доволно храбар да се соочи со последиците од своите постапки. И затоа сега завршувам. Знам дека утре милиони луѓе ќе бидат проколнати. Но, тоа е судбина“, изјавил Хитлер според дневникот на Баур.

Пилотот на Хитлер тврди дека нацистичкиот лидер стравувал дека Советите ќе користат гасни бомби, затоа што знаеле дека се кријат во бункерот во кој го извршил самоубиството.

„Во секој случај јас не бегам. И затоа завршувам денес“, му кажал Хитлер на Баур.

Баур се обидел да побегне од Рајхот, но бил уапсен и минал неколку години во советски затвор. Починал во 1993 година, на 96-годишна возраст.

„Баур, сакам да се опростам од тебе. Дојде време. Моите генерали ме предадоа. Моите војници не сакаат да продолжат да се борат и јас не можам да продолжам“, било последното нешто кое Хитлер му го кажал на Буар.

Во дневникот Баур навел дека целосната доверба што ја имал Хитлер во него прераснала во многу интимна пријателска врска, а лидерот на нацистите го нарекувал и личен пријател.

Хитлер присуствувал и на венчавката на Баур, а за неговиот 40. роденден му подарил автомобил. Неговата приказна за неговиот и животот на Хитлер првпат е објавена во Германија пред повеќе од 50 години, но неодамна е испечатена и во Велика Британија под името „Бев пилот на Хитлер“.

Текстот Пилотот на Хитлер ги негира теориите дека фирерот избегал во Аргентина е превземен од Reporter.mk.