СССР ја криела вистината за Чернобил и тројцата херои кои спречиле поголема катастрофа

По објавената мини-серија за Чернобил од филмската продукција ХБО, деновиве повторно актуелна е темата за нуклеарната катастрофа од 1986 година. Многумина херои кои тогаш се истакнале со својот хероизам, биле замолчувани од страна на руските власти кои сакале приказната за нуклеарната катастрофа да ја стават под тепих.

Советската власт се обидувала да ги држи во тајност размерите од нуклеарната катастрофа. Тогаш властите сметале дека е невозможно во таков систем, да се случи една таква катастрофа.

Малкумина знаеле за тројцата херои Алексеј Ананенко, Валериј Безпалов, заедно со војникот Борис Баранов, кои што самоволно влегле во нуклеарната централа со цел да спречат уште поголема катастрофа. Луѓето мислеле дека се мртви и дека радијацијата ги убила набрзо по нуклеарната катастрофа.

Имали и наводи дека загинале додека биле во радиоакативната вода. Со децении никој не ги споменувал, иако денеска светот би бил сосема поинаков, ако не дошло до израз нивното херојство.

Бори Баранов починал во 2005 година од срцев удар, додека Алексеј Ананенко и Безпалов се живи до ден денес. Со одлуката на сега поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, во април 2018 година, на Ананенко и Безпалов им биле врачени ордени за храброст, додека Баранов бил постхумно награден истиот ден.

Многумина денес сметаат дека станува збор за тројцата најголеми херои во историјата на човештвото. Тројцата биле испратени во просториите под централата каде требало да го спречат мешањето на водата и металот, да ги затворат вентилите и да ја испуштат водата која се наоѓала под реакторите.

Оштетениот реактор тонел и постоела опасност да се сруши во поплавените простории, нешто што би довело до уште една разорна експлозија, која би уништила сè во размер од 200 километри. Во тој случај Киев би бил уништен и би се загадила водата за 30 милиони луѓе. Жвотот би бил невозможен во Украина во наредните неколку векови.

Алексеј, Валериј и Борис биле единствените тројца вработени во електраната Чернобил, кои го познавале патот до поплавените подрумски простории. Тројцата биле испратени во посебни оддела и поминале низ поплавените подрумски простории. Доброволно им било кажано дека можат да ја одбијат оваа задача.

„Како можев да одбијам, кога само јас знаев каде се наоѓа вентилот“, изјавил подоцна Ананенко.

Иако пред нивното спуштање во подрумот бројни пожарникари и волонтери ја испумпале поголемата количина на радиоактивна вода, но во подрумот и понатаму, до колена останала радиоактивна количина на вода. Додека тројцата херои минувале низ истата, биле изложени на радиоактивност од дури 15.000 рендгени.

Поради количината на зрачење, лампата на Борис Баранов, кој бил задолжен на инженерите да им го осветли патот до вентилите, прегорела. Ананенко и Безпалов морале да го најдат патот во мракот преку главната цевка со допир и од сеќавањата кои им останале во глава.

И покрај потешкотиите, тие успеале да се снајдат во мракот и да се вратат назад на површината, каде почнало славјето со останатите војници. Во текот на денот и утредента, од резервоарот биле испумпани 20.000 тони радиоактивна вода.

Тука приказната за нивното херојство завршува. Со децении никој ништо не споменал за акцијата, иако да не биле тројцата, денес светот би бил сосема поинакво место за живеење.

Текстот СССР ја криела вистината за Чернобил и тројцата херои кои спречиле поголема катастрофа е превземен од Reporter.mk.