Убиена манекенка која била главен сведок во случајот со мито на Берлускони

Италијанските истражители покренаа истрага за убиството на италијанската девојка Иман Фадил. Таа требаше да биде главен сведок во случајот со давање мито на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Мароканката Иман Фадил (34) е позната по тоа што била дел од злогласните забави кои ги правел Берлускони. Минатиот месец таа била примена во болница во Милано поради болки во стомакот. На пријателите и адвокатот им објаснила дека се сомнева дека била отруена. Фадил починала на 1 март.

„Лекарите не успеаа да ги откријат патолошките причини кои би ја објасниле нејзината смрт“, изјавил главниот обвинител во Милано Франческо Греко.

Греко нагласил дека имало низа на аномалии во нејзината лекарска документација. Италијанските медиуми пишуваат за тоа дека токсиколошките испитувања откриле дека Иман била убиена со мешавина на радиоактивни супстанци.

Иман која била чест гостин на забавите на Берлускони, во 2012 година сведочела на судењето на поранешниот италијански премиер, кој во тој период бил обвинет за секс со малолетна проститутка.

Тогаш Иман говорела за младите жени кои учествувале на забавите. Тие се разголувале и изведувале провокативни танцови. Берлускони е осуден за плаќање на секс со 17 годишна девојка и му се заканувале седум години затвор.

Ослободен бил во 2015 година, кога судијата пресудил во негова корист. Образложението на пресудата било дека поранешниот премиер не знаел дека се работи за малолетна проститутка.

Девојката од Мароко, Карима ел Маруг, позната како „Руби, крадец на срца“, го обвинила Берлускони дека од февруари до мај 2010 година, тој и плаќал за секс и тоа во период кога таа имала 17 години. Берлускони пред судот се бранел дека не знаел колку години има Карима. Судот во 2013 година го прогласи за виновен.

Од тогаш се редеа низа нови обвинувања на сметка на Берлускони, а обвинувањата се однесувале и на подмитување на жени кои учествувале на забавите на поранешниот премиер. Берлускони се обидел да ги спречи да ја кажат вистината на почетокот на судењата.

Фадил никогаш не била обвинета дека примила мито и таа била една од девојките која требала да сведочи во новиот случај. Фадил во 2012 година, ијавила дека се плаши за својата безбедност, откако на обвинителите им раскажала дека и биле понудени пари за да молчи за тоа што се случувало на тие забави.

Берлускони ваквите забави ги нарекувал елегантни вечери. Италијанските медиуми пишуваат дека Фадил напишала и книга за своите искуства. Се истражува и копија од нејзиниот ракопис, кој би можел да открие некакви траги кои би можеле да помогнат во решавањето на нејзиното можно убиство.

 

Текстот Убиена манекенка која била главен сведок во случајот со мито на Берлускони е превземен од Reporter.mk.