(Видео) Телото на Кашоги замотано во тепих го изнеле од конзулатот во Турција

Високо официјално лице од Саудиска Арбија, изнесе нова верзија за настанатата смрт на новинарот Џемал Кашoги, која настанала во саудискиот конзулат во Истанбул и која во целост се разликува од претходните објавени во јавноста.

Последната верзија за текот на настаните и ликвидацијата на Кашоги, која ја изнело официјалното лице од Саудиска Арабија, кој инсистирал да остане анонимен, открива нови детали во целиот случај.

Група од 15 официјални лица од Саудиска Арабија биле испратени да се соочат со Кашоги, вели неименуваниот извор. Тие на 2 октомври му се заканиле на новинарот. Во план имале да го дрогираат и да го киднапираат, а кога Кашогиј им се спротивставил, тие го убиле.

Еден од агентите потоа го облекол оделото на Кашоги, за да прикаже дека наводно го напуштил конзулатот. Саудиска Арабија по две недели негирање за каква била вмешаност во исчезнувањето на Кашоги, во саботата конечно призна дека бил убиен во конзулатот.

Прво тврделе дека тоа се случило случајно во тепачка, а по еден час подоцна, друго официјално лице од Саудиска Арабија изјави за медиумите дека новинарот бил задавен.

Турските истражители се сомневаат дека телото на Кашоги било распарчено на повеќе парчиња, по убиството, но инсајдер од Саудиска Арабија вели дека лешот бил замотан во тепих и дека бил предаден на локален соработник за да се ослободи од него.

Според последната верзија на приказната Ријад сакал да го убеди Кашоги, кој пред година дена се преселил во Вашингтон, од страв за одмазда поради своите критички текстови за режимот. Тој сакал да се врати во Саудиска Арабија во рамки на кампањата со која се сакало да се спречи, непријателите на државата да регрутираат саудиски дисиденти.

Поради тоа заменикот на известувачката агенција на Саудиска Арабија, Ахмед ал Асири, испратил 15 луѓе во Истанбул, тврди анонимен извор. Тимот требало одредено време да го задржи Кашогиј, во безбедна куќа надвор од Истанбул, а потоа на крај да го ослободи, ако одбие да се врати во татковината. Работите тргнале во погрешен правец, уште на почетокот. Членовите на тимот ги пречекориле своите овластувања и примениле насилство.

Кашоги бил однесен во канцеларијата на конзулатот каде со оперативецот Махер Мутереб разговарал за неговото враќање во земјата. Новинарот одбил да се врати во татковината и му рекол на Мутреб дека некој го чека пред зградата на конзулатот и дека ќе ги извести турските власти, доколку не му биде дозволено да излезе од конзулатот.

Вереницата на Кашоги, открила дека тој ги дал своите два мобилни телефони и упатство да го чека пред конзулатот. Исто така дал упатство да биде повикан и помошникот на турскиот претседател во случај ако не му биде дозволено да излезе од конзулатот.

Според тврдењата на анонимниот извор, Кашоги на Мутреб му рекол дека ги има прекршено дипломатските правила и го прашал дали планираат да го киднапираат.

Мутреб му одговорил дека во план им било да го дрогираат и киднапираат, со цел да го заплаши, нешто што претставувало кршење на правилата на целата мисија, вели неименуваниот извор и додава дека новинарот тогаш почнал да вика. Тогаш членовите на тимот испаничиле и во тој момент го задавиле.

За да се прикрие злосторот, тие го замотале неговото тело во тепих и со службено возило го изнеле од конзулатот. Лешот бил предаден на нивен соработник со цел да се ослободи од него. Форензичкиот експерт Салах Тубаги ги сокрил сите траги од злосторот. Оперативецот Мустафа-ал-Мадани го искористил оделото на Кашоги, неговите очила и часовник и го напуштил конзулатот низ задната врата за да изгледа дека тој е новинарот. Мадани потоа заминал во областа Султанахмет со цел да се ослободи од сите овие работи.

Текстот (Видео) Телото на Кашоги замотано во тепих го изнеле од конзулатот во Турција е превземен од Reporter.mk.