Дали е ова иднината на автомобилскиот кокпит?

Кинеската стартап компанија Byton објави нови фотографии од ентериерот на својот прв електричен автомобил – кросовер моделот М-Byte

Byton е познат по тоа што се залага за револуција кога станува збор за внатрешноста на идните автомобили. Така, кинескиот производител на почетокот на оваа година претстави контролен панел со голем, 48-инчен таблет, кој се протега по целата ширина на кокпитот.

Сега може да се видат и други детали од овој футуристички ентериер, како што се 7-инчен екран чувствителен на допир, сместен во центарот на воланот, како и 8-инчен touchpad, кој се наоѓа на централната конзола помеѓу двете предни седишта.

Сепак, се поставува прашање како возачите на овие автомобили ќе се справат со толку различни екрани на допир, од кои оној на воланот има поголема дијагонала од многу мултимедијални дисплеи во модерните автомобили, додека главниот екран на контролната табла е до 7 пати поголем и од стандардните таблети.

Интересно е тоа што во Byton предвиделе до некои команди на главниот екран да може да се пристапи преку touchpad-от на централната конзола, каде што нормално, се наоѓаат контролата на клима-уред, како и прилагодувањето на седиштата.

Од друга страна, кинескиот производител оставил и некои физички копчиња, како на пример копчињата за избор на мод на автоматскиот менувач (P, R, N и D).

Byton во соопштението наведува дека намерата е за возачот и патниците да се создаде „удобна и пријатна атмосфера, како онаа во луксузна соба“.

Извор: Додај Гас

Текстот Дали е ова иднината на автомобилскиот кокпит? е превземен од USB.mk.