Измама на деценијата: Транс-арктички кабел од милијарда долари

Елизабет Пирс, извршната директорка на компанијата Quintillion, беше обвинета во 2018 година за измама, откако злоупотребила позиција во рамки на проект, кој имал за цел инсталирање на транс-арктички кабел за подобра интернет конекција. Имено, Пирс лажирала договори за да собере повеќе од 250 милиони американски долари од инвеститорите, а веста неодамна повторно стана актуелна, откако медиумите дознаа детали за тоа како речиси  успеала да ја изведе измамата на деценијата.

Неспорно е дека директорката имала големи амбиции кога станува збор за поставување на транс-арктичкиот кабел, што беше поддржан бидејќи Алјаска, а подоцна веројатно и дел од Јапонија, Гренланд, Исланд, па дури и Лондон би добиле подобра интернет врска. На почетокот се работеше за благородна цел, најмногу затоа што интернетот во најголем дел од рурална Алјаска е бавен и зависи од скапите сателити. Подводниот кабел така би овозможил поголеми брзини, но и пониски цени за корисниците, со што значително би ги олеснил онлајн животите на илјадници жители.

За да ги убеди инвеститорите дека проектот е на вистински пат, Пирс лажирала потписи на договори, кои доколку биле оригинални, би значеле дека проектот е вреден над една милијарда долари. Потоа, веродостојноста ја го потврдувала со уверувања дека е единствената одговорна во Quintillion и дека само таа може да ги овластува договорите, што им било доволно на соработниците и инвеститорите да и поверуваат, бидејќи верувале во благородноста на целта, и покрај огромните суми пари. Пирс ги чувала потпишаните договори на приватна сметка на Google Drive, а кога сфатила дека измамата нема да и успее, се обидела да ги избрише, но безуспешно, бидејќи останале во фолдерот Trash.

И покрај злосторствата на извршната директорка, Quintillion успеа да постави еден дел од кабелот, што донесе подобар интернет за еден дел од популацијата на Алјаска. За продолжување на изградбата се заинтересирани и други компании, така што проектот на крајот може да се покаже дури и успешен.

Текстот Измама на деценијата: Транс-арктички кабел од милијарда долари е превземен од USB.mk.