Израелците го најавија првиот електричен комерцијален авион (ВИДЕО)

Израелската компанија Evation Aircraft планира до 2020 година на пазарот да го објави првиот електричен комерцијален авион. Тој подвиг нема да биде евтин, а на Израелците за реализацијата ќе им бидат потребни 200 милиони долари.

– Имаме убедлива деловна стратегија. Трошокот за еден лет со нашиот авион би бил околу 200 долари, за разлика од 1.000 долари колку што е трошокот на авионот на млазен погон – објасни Омер Бар-Јохај, извршен директор на авиокомпанијата, признавајќи дека им се потребни инвестиции.

Засега тие „преживуваат“ со вложувања од мали инвеститори и финансиска поддршка од израелската влада.

Evation Aircraft би ги продавала авионите за 3 милиони долари, а како што вели Бар-Јохај, веќе имаат договор со потенцијални оператори. Тие дизајнирале неколку електрични модели, а изградиле само еден прототип.

Станува збор за леталото именувано Alice, кое собира девет патници и со едно полнење на батеријата поминува нешто повеќе од илјада километри. Дури 65 отсто од масата на авионот се литиум-јонски батерии. Најголемата брзина што ја достигнува е 440 километри на час, а тоа е дупло помалку од класичен авион. Оддалеченост од 150 километри Alice би ја поминал за дваесетина минути.

Пазарот за електрични авиони пораснал за 30 отсто во споредба со лани, а моментално има стотици различни проекти во светот кои работат на развој на електрични летала. На пример, Zunum Aero, компанијата зад која стојат „Боинг“ и JetBlue Airways, сака до 2022 година да развие хибриден патнички модел на авион.

Калифорниската компанија „Joby Aviation“ се обидува да извади електрични такси-авиони на пазарот – помали модели кои би превезувале до четворица патници. Истото го најавија и од Uber, од каде што планираат да извадат таков модел до 2023 година. Според нив, авионот на Uber би слетувал и полетувал вертикално. Во бизнисот се вклучија и компаниите Siemens, Airbus и Rolls-Royce, работејќи на хибридно-електричен погонски систем.

Извор: Jutarnji.hr

Текстот Израелците го најавија првиот електричен комерцијален авион (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.