Научниците со алармантно откритие под глечерот наречен „Суден ден“ на Антарктикот (ВИДЕО)

Еден од најголемите глечери на светот, таканаречениот „глечер на судниот ден“ се топи значително побрзо од кога и да е, а неговото исчезнување би можело да го подигне светкото ниво на морето за дури три метри, покажало новото истражување кое било спроведено од Универзитет во Њујорк.

Тим на британски и американски научници избушиле дупка низ речиси 600 метри дебелиот глечер Твејтс на западот од Антарктикот за да ја измерат температурата на местото на допирот на мразот и морската вода под него и откриле дека температурата непосредно под глечерот е над нулата.

Научниците и претходно го нарекоа Твејтс “глечер на судниот ден“ поради морничавите импликации по светското ниво на морето доколку дојде до негово забрзано топење. Фактот дека водата под глечерот е доволно топла да допринесе во топењето е сериозна причина за загриженост.

„Топлата вода во овој дел од светот, колку и да ни изгледа оддалечен, би требало да служи како предупредување на сите нас за потенцијалните драстични промени на планетата до кои доведуваат климатските промени“ – изјавил водачот на истражувањето Дејвид Холанд, кој стравува дека станува збор за незапирливо топење.

Твејтс е еден од двата глечери, покрај глечерот Пајн Ајланд кои претставуваат “мек појас“ на Антарктикот со оглед на опасноста од целосно повлекување. Твејтс се поместува со повеќе од 2 километри годишно и истовремено е многу потенок од претходно.

Иако за целосното топење и подигнување на нивото на морето мора да поминат неколку децении, потенцијалниот ефект од подигнувањето на морето и за само еден метар би можело до целост да ги девастира густо населените подрачја во Африка, Азија, САД и Европа.

Некои островски држави би можеле целосно да исчезнат, а загрозени се и многубројни градови – од Шангај до Венеција, Мајами, Рио де Жанаиро, Осака и многу други.

Текстот Научниците со алармантно откритие под глечерот наречен „Суден ден“ на Антарктикот (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.