Необична смрт на една масивна ѕвезда

Тим на истражувачи при универзитетот Калтек (California Institute of Technology) ја набљудувал необичната смрт на една масивна ѕвезда која експлодирала изненадувачки слабо. Овие набљудувања сугерираат дека ѕвездата имала невидлив придружник, кој гравитационо ја извлекол нејзината маса и оставил зад себе ѕвезда којашто експлодирала во брза супернова.

Научниците исто така сметаат дека експлозијата резултирала со мртва неутронска ѕвезда што орбитирала околу својот густ и компактен придружник, при што за првпат биле сведоци на раѓањето на компактен бинарен систем на неутронска ѕвезда.

Кога на масивна ѕвезда, најмалку осум пати поголема од масата на Сонцето, и снемува гориво за нејзиното јадро, јадрото паѓа самото врз себе, а потоа тоа отскокнува надвор во моќна експлозија наречена супернова. По експлозијата, сите надворешни слоеви на ѕвездата се уништени, оставајќи зад себе густа неутронска ѕвезда – со големина на мал град, но со поголема маса од Сонцето. Една лажичка од неутронска ѕвезда би тежела колку една планина, пишува Science Daily.

За време на супернова, ѕвездата што умира го разбранува целиот материјал во неговите надворешни слоеви. Обично, станува збор за неколку пати поголема маса од онаа на Сонцето. Сепак, случајот што го забележале научниците од Калтек, наречен iPTF 14gqr, исфрлил само околу една петтина од масата на Сонцето.

“Го видовме колапсот на оваа масивна ѕвезда, но забележавме извонредно мала количина на исфрлена маса“, вели Манси Касливал, еден од научниците при Калтек. “Ние ова го нарековме ултра мала супернова, нешто за што долго се претпоставуваше дека постои. Ова сега е првпат да видиме суштинскиот колапс на една масивна ѕвезда., која што истовремено е и лишена од материја“.

Текстот Необична смрт на една масивна ѕвезда е превземен од USB.mk.