Развиен систем што ги препознава ќелиите на рак во 99 отсто од случаите

Системот на “длабоко” учење, кој е развиен во AI лабораторијата на Google пронајде нова примена во медицината. Овој пат лекарите и научниците овој систем можат да го користат за патолошки анализи и дијагностика на карцином на дојка кој се проширил од примарното жариште на блиските лимфни чворови.

За таа цел, уште во 2016. година е развиен посебен систем LYNA (LYmph Node Assistant, or LYNA), кој во меѓувреме е унапреден, тестиран и претворен во вистински помошник на докторите.

Научниците на Google, кои се занимаваат со вештачка интелигенција успеаја да го истренираат овој систем на машинско учење на дополнителните групи податоци, така што тој сега уште подобро ги препознава ќелиите карцином на снимките на ткивата. Моментната прецизност со која LYNA препознава на кои снимки се наоѓаат метастазите, а на кои не, изнесува дури 99 отсто.

Освен препознавање на појавата на ќелии на рак, овој систем може да ја изолира и нивната локација на снимката, и препознава и други сомнителни подрачја, но им дава и препораки на докторите на што треба да обрнат дополнително внимание.

Компјутерскиот систем е тестиран на помалите (микро) метастази, кои тешко се воочуваат, и забележа одлични резултати и за половина го скрати времето кое е потребно за анализа на таквите снимки, велат од Google.

Иако оваа технологија покажува одлични резултати, научниците кои ја развиле велат дека овие резултати се остварени во контролирани услови и на ограничен сет податоци.

Исто така, напоменуваат дека ќе биде потребно уште да се работи на тој систем, со цел AI да се имплементира во светот на дијагностика, каде активно би им помагал на докторите – но секако се оптимисти околу тоа дека и тој ден наскоро ќе пристигне.

Текстот Развиен систем што ги препознава ќелиите на рак во 99 отсто од случаите е превземен од USB.mk.