Успешно лансиран товарен вселенски брод на SpaceX (ВИДЕО)

Товарниот брод „Карго Драгон“ на компанијата SpaceX на Eлон Маск, синоќа беше лансиран во орбита од стартна платформа на космодромот на НАСА на `ртот Канаверал на Флорида, соопшти Националната аеронаутичка и вселенска агенција на САД (НАСА).

„Карго Драгон“ треба да слета на Меѓународната вселенска станица (МВС) на 27 јули. Стартот на товарното летало до МВС е 18-то по ред во рамките на комерцијалниот договор помеѓу НАСА и „СпејсИкс“.

Бродот треба да изврши достава на МВС на околу 2,3 тони храна, опрема и материјали за научни експерименти. Дел од доставената техника е и космички биомедицински 3Д принтер разработен од американските компании „Течшот“ и „енСкрипт“. Принтерот ќе биде употребен за експерименти со 3Д печатење на срцеви влакна и органи.

Последен пат „Карго Драгон“ достави храна и друга опрема за експерименти на МВС на почетокот на мај. Тогаш на МВС беше донесен прибор за мерење на јаглеродниот диоксид во атмосферата на Земјата и испробана нова технологија на снопови на променливо рентгентско зрачење во Вселената.

SpaceX е формирана во 2002 година од американскиот инженер и милијардер Eлон Маск. Компанијата ги има разработено ракетите-носачи „Фалкон 1“, „Фалкон 9“ и „Фалкон Хеви“, како и вселенскиот товарен брод „Карго Драгон“. Ракетите-носачи се дизајнирани за повеќекратна употреба додека товарниот брод е специјално дизајниран за потребите на МКС.

Текстот Успешно лансиран товарен вселенски брод на SpaceX (ВИДЕО) е превземен од USB.mk.