12-годишната Јована ја скрати косата, ќе ја донира за деца болни од рак

Јована Симовска од Тетово две години не ја кратела косата за да може да направи плетенка долга 30 сантиметри и да ја донира на организација која од таа коса прави перики за децата болни од рак. И нејзината помала сестра Јана ја расне косата, за и таа да ја донира следната година. Јована, која е ученичка во шесто одделение, идејата да направи хумано дело ја добила кога имала десет години. Вели, сакала да помогне некому. Нејзината мајка контактирала со невладина организација од Холандија, а тие ја прифатиле нејзината коса како донација.

„Долго време се обидував да дознаам како да направам хумано дело. Дознав дека можам да ја донирам косата за децата со рак. Мајка ми им пиша, ги праша што треба да направам и тие одговорија дека косата треба да биде барем 30 сантиметри, врзана во плетенка, да не биде оштетена и да не биде бојосна“, раскажала Јована за „Радио слободна Европа“.

Организацијата „ЗДМ“ ја има и на ‘Фејсбук’, а сите што сакаат да донираат коса од која потоа се прават детски перики, треба најпрво да им напишат порака.

„Нема трошоци, треба само да се јавиш и тие кажуваат каде треба да ја испратите косата. Косата треба да се стави во плик, врзана во плетенка. Мислам дека и другите луѓе со долга коса наместо да ја фрлат косата, треба да ја донираат“, рекла Јована.

Текстот 12-годишната Јована ја скрати косата, ќе ја донира за деца болни од рак е превземен од Reporter.mk.