Американскиот авантурист е првиот човек кој се спуштил до најдлабоката точка во сите океани

 

Американскиот авантурист Виктор Весково стана прв човек кој ја посетил најдлабоката точка во сите океани. Петтото и последно спуштање со специјална подморница Весково го направи до дното на Молојски Ров на Арктик, што се наоѓа на околу 5,5 километри под површината на морето. Во последните десет месеци тој се спушти и до најдлабоката точка во Тихи, Индиски, Јужен и Атлантски Океан, а ги посети и остатоците на „Титаник“.

Весково ги изведе сите спуштања со специјална, 12-тонска подморница за длабоки нурнувања, при што го следеше брод за поддршка.

Последната етапа од експедицијата беше спуштањето до точка позната под името Молојска Дупка, што се наоѓа 275 километри западно од архипелагот Свалбард, Норвешка и ова е првпат човек да стигне до оваа локација.

„Сѐ уште не ми се верува дека имав привилегија да возам подморница до места на коишто никој не бил досега. Кој вели дека веќе нема ништо за истражување на Земјата? Има уште многу за учење и истражување во океаните“, кажа Весково.

Ова е нов подвиг за Весково, кој исто така скијал до двата пола и ги има искачено највисоките врвови на сите континенти.

Текстот Американскиот авантурист е првиот човек кој се спуштил до најдлабоката точка во сите океани е превземен од Reporter.mk.