Авалон: Сакаме да фантазираме дека нема да се откаже Охрид колинг

Од 31 јули до 3 август во Охрид ќе се одржи петтото издание на музичкиот фестивал „Охрид колинг“. Организаторите, Авалон продукција, највија дека во Македонија ќе настапат преку 20 познати музичари, а дека тие за сега не се откажуваат од организирањето на фестивалот.

„Сакаме да шириме оптимизам и да фантазираме дека Охрид колинг нема да се откаже колку и да звучи сето ова во моментов како невозможна мисија, земајќи ја предвид моменталната ситуација со коронавирусот“,велат од Авалон.

Во Охрид оваа година свое шоу би требало да имаат Димитри Вегас и Лајк Мајк, холандското дуо W&W, Лост фриквенсис, Салваторе Ганачи и други. На 3 август ќе се одржи и роденденска забава за 5-годишнината од фестивалот.

„Наша должност е да ви дадеме место и прилика сета неискористена енергија и ентузијазам да ги преточите во едно музичко-визуелнo, светско прочистувачко искуство и да надополните за сето она што го пропуштивте овие неколку месеци. На оваа чудна и тешка година ѝ возвраќаме со свеж и култен лајн-ап од 20 артисти, каков што им доликува не само на верните фанови и ветерани на фестивалот, туку и на оние што годинава првпат ќе станат дел од оваа наша голема фамилија“, додаваат тие.

Од Авалон велат дека нема да го откажат фестивалот и нема да го префрлат за 2021 година сè до 1 јули.

„Ако се исполнат нашите очекувања и фестивалот сепак се одржи, сите детали околу влезниците ќе бидат објавени на 1 јули. На Охрид колинг нека се испијат сите неиспиени пијачки и изиграат сите неизиграни забави!“

Текстот Авалон: Сакаме да фантазираме дека нема да се откаже Охрид колинг е превземен од Reporter.mk.