Богдановиќ е смрдеж, газдите лути оти градоначалникот им го руши „Бастион“

Денеска во Центар почна рушењето на терасата на познатиот кафе-бар „Бастион“. Со шампањ, кој симболочно го отворија во знак на револт, и маици на кои беше напишано  „Имаме план за живот во Центар“, вработените од улица го гледаат рушењето на кафулето кое се наоѓа на Ленинова (Аминта Трети), пренесе Макфакс. Градежната механизација на Oпштина Центар работи на отстранувањето на бетонската платформа.

Управителот на локалот, Дејан Гиевски, тврди дека се работи за нелегално рушење, за коешто до новинарите приложи и документација.

На местото има и полиција. Во револт, еден од газдите на „Бастион“ јавно на „Фејсбук„ го кажа своето мислење за градоначалникот Саша Богдановиќ, со неколку статуси, нарекувајќи го „човек без чувства“ и „неспособен градоначалник“, а паднаа и зборови од типот на „смрдеж“ и „говедо“.

Согласно со документите, одобрението за поставување на урбаната опрема е издадено во април оваа година, а во пресметката за утврдување на комуналната такса за користење на просторот пред локалот, односно терасата, кафе-барот платил 144 000 денари кон Општина Центар и 144 000 кон Град Скопје.

Вчера беше поканет градоначалникот Саша Богдановиќ да дојде на утринска чајанка со сопствениците и медиумите, но тој не се појави.

Општината вчера соопшти дека справувањето со диво поставената урбана опрема, односно терасите пред угостителските објекти, ќе продолжи и во наредниот период, со цел ослободување и нормализирање на сообраќајот на луѓе и на возила на целата територија на општината.