Да помогнеме во време кога не се оди во школо – Унко и семејството на Горан Стефановски дозволија МРТ пак да ја дава „Бушава азбука“

Режисерот Слободан Унковски заедно со семејството на Горан Стефановски ѝ дадоа дозвола на МРТ да почне бесплатно да ја репризира серијата „Бушава азбука“. Овааа идека наиде на поздрав и предизвика позитивни реакции во јавноста, а пораката која Унко му ја прати министерот Филипче, и вчера постојано ја споделуваа на социјалните мрежи. Ова се случи откако Владата, како мерка за превенција од ширење на коронавирусот, ги затвори сите воспитно-образовни институции до 24 март, вклучувајќи ги и библиотеките, студентските домови, а прекинати се и воншколските активности.

„Малку да помогнеме во пополнување на времето кога не се оди во школо. Ќе почне да игра од утре, прекуутре, два пати дневно“, стои во пораката од Унковски до министерот.

Серијата „Бушава азбука“ првпат почна да се прикажува во 1985 година. Таа беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, анимации и актерска игра. Имаше 31 епизода, која траеше по половина час, а секоја епизода беше посветена на една буква од македонската азбука. Според многумина, „Бушава азбука“ е најуспешниот производ на МРТ, преку кој многу генерации ја научија азбуката.

Серијата беше снимена со музика од „Леб и сол“ и Ана Костовска, а глумеше врвна актерска екипа, меѓу кои и Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Софија Куновска, Јовица Михајловски и други.

Стефановски и Унковски пред околу две години почнаа да работат на вториот дел од „Бушава азбука“, проект насловен „Бушав буквар“, а серијата требаше да биде насочена кон македонскиот јазик, неговата употреба и богатство. По смртта на Горан Стефановски во ноември 2018 година, проектот беше запрен, а потоа на сценариото продолжи да работи Марјан Алчевски. Режисерот Унковски е и продуцент на проектот, а во реализацијата и вклучена и актерката и професорка на Факултетот за драмски уметности Синоличка Трпкова-Меллес.

„Бушава азбука“ ќе се прикажува двапати дневно, во 11:25 и 18: 55 часот.

Текстот Да помогнеме во време кога не се оди во школо – Унко и семејството на Горан Стефановски дозволија МРТ пак да ја дава „Бушава азбука“ е превземен од Reporter.mk.