(Фото) Двојка од Босна тргна со фиќо на пат околу светот: Едни нè жалат, за други сме атракција

Амар и Лејла Чамо од Босна и Херцеговина се на пат околу светот со нивното фиќо. Велат, нивниот зелен автомобил е вистинска атракција скоро секаде кајшто ќе се појават, а луѓето се и зачудени и изненадени кога ќе дознаат дека патуваат со толку мал автомобил, а често им нудат и бесплатно да преспијат кај нив.

Нивната приказна со фиќото почнала случајно. Мајката на Амар му дала идеја да го купат откако видела дека е на продажба. Но, додека тие да се решат, сопственикот веќе го продал, па затоа почнале по потрагата по возилото. Кога конечно го нашле новиот сопственик, го купиле од него и тргнале на пат.

„Фиќото не го купивме за да привлекуваме внимание, туку станува збор за љубов кон старите популарни автомобили. Во тој период планиравме да патуваме и ни требаше кола. Во досегашните патувања видовме различни реакции од луѓето. Некои нè гледаат како социјални случаи кои немаат пари закола, а има и такви кои ја сфаќаат убавината на она што го имаме ние. Доживеавме луѓето да ни мавтаат и да ни ракоплескаат и кај да се појавиме сме вистинска атракција“, рекол Амар за српски „Блиц“.

„Фиќото е нашиот животен сопатник. Никогаш не нè изневерило. Досега со него имаме посетено 31 држава. Тргнавме од Исланд, преку Мароко и стигнавме до Сахара. Исто така ги посетивме Шпанија и Турција, но тоа не е крај, продолжуваме понатаму по пандемијата“, рекол тој.

„Најнапорно патување имавме кога тргнавме во Италија, фиќото ни се расипа и едвај стигнавме до посакуваната дестинација. Во тој период, фиќото беше кратко време кај нас и не знаевме како ќе издржи подолго патување. Сега имаме искуство, добро го подготвивме и немама речиси никакви проблеми. Преку Инстаграм нон стоп имаме понуди да преноќиме во разни делови од светот. Така, еднаш имавме понуда да преноќиме во Хамбург, но кога стигнавме на дадената адреса, немаше никој. Кога го контактиравме уште еднаш човекот, тој нè упати кај неговиот вујко, но кога стигнавме и тој не беше таму. Помисливме дека сме измамени, но човекот бил на работа и кога се врати нè нагости како да сме му најблиски роднини“, раскажува.

Кога ќе се отворат границите, Амар и Лејла ќе го продолжат патувањето,а  први дестинации ќе им бидат неколку места на Балканот.

Текстот (Фото) Двојка од Босна тргна со фиќо на пат околу светот: Едни нè жалат, за други сме атракција е превземен од Reporter.mk.