Лекари го исфрлиле син му кој имал болки, за да го примат детето на Серхио Рамос

Шпанецот Хорге Гарсија тврди дека лекарите во приватната болница „Ла Моралеја де Санитас“ во Мадрид, го исфрлиле неговиот син од делот за итен прием и целото внимание го посветиле на синот на фудбалската ѕвезда на Реал Мадрид, Серхио Рамос и неговата сопруга Пилар Рубио.

„Ме избркаа мене и мојот син додека тој имаше силни болки, само за да му се посветат на синот на Серхио Рамос. Не беа испочитувани никакви медицински критериуми“, напишал Гарсија на социјалните мрежи.

Гарсија тврди дека со синот ги избркале додека му биле правени медицински прегледи. Потоа му рекле дека мора да го напушти одделот. Лекарите подоцна целото внимание го посветиле на синот на познатите родители.

За случајот се огласија и од службите на болницата, од каде тврдат дека нивната одлука немала врска со социјалниот статус и фактот дека едно од децата има познати родители. Нивната одлука ја донеле поради здравствената состојба на синот на Рамос. Досега ниту Рамос ниту Рубио се немаат огласено по повод овој настан.

 

Текстот Лекари го исфрлиле син му кој имал болки, за да го примат детето на Серхио Рамос е превземен од Reporter.mk.