Македонската дијабетес футсал репрезентација оди на Европско првенство

Македонската дијабетес футсал репрезентација денеска заминува на Европско првенство за лица со дијабет кое ќе се одржи во Братислава, Словачка. Тим-менаџерката на македонската дијабетес футсал репрезентација, Рената Јакимовиќ, за „Репортер“ вели дека тимот се подготвувал подолг период во повеќе фази и дека очекува позитивен резултат на теренот и добар пласман на репрезентацијата. Ова е трета година по ред како овие млади фудбалери настапуваат на Диаеуро. Нивна цел е да докажат дека здравствената состојба во која се наоѓаат не е пречка за активно и професионално спортување.

Заедно со македонската репрезентација, на Европското првенство ќе настапат уште 16 дијабетес репрезентации кои ќе ја споделат пораката дека дијабетесот не е болест поради која треба да бидат сожалувани, туку начин на живеење со правилна исхрана и редовно спортување.

„Европското првенство во футсал за лица со дијабетес почнува со организација во 2012 година инспирирани од тоа да покажат дека и лицата со дијабетес можат активно да се занимаваат со спорт. Ние како македонска репрезентација за првпат учествувавме на ова првенство во 2016 година. За разлика од претходните години, конкруенцијата е зголемена, но, сепак, ние ќе се покажеме како што треба бидејќи се подготвуваме веќе неколку месеци во различни фази. Целиот тим ќе даде сè од себе, не само за да се покаже на терен и да постигне добар резултат туку и да им покаже на сите лица со дијабетес кои живеат во нашата држава дека дијабетесот не е пречка доколку сакате да се занимавате со спорт активно и професионално“, вели Јакимовиќ.

Меѓу другото, тим-менаџерката на репрезентацијата истакна дека од големо значење е тоа што оваа година поддршка дадоа и неколку државни институции и фармацевтските компании кои ја разбираат состојбата на лицата со дијабет. Додаде дека тие ја разбираат важноста на добрата регулација и менаџмент на шеќерот, како и тоа дека е важно модерната технологија што ја има во Европа и светот да дојде во Македонија. На тој начин лицата со дијабет ќе бидат во чекор со другите земји од светот како за спортските активности, така и за секојдневието на дијабетичарите.

Виктор Јованов

Текстот Македонската дијабетес футсал репрезентација оди на Европско првенство е превземен од Reporter.mk.