Маж 35 години бил на лажно боледување, па отишол директно во пензија

Италијанскиот рудар Карло Кани во 1980 година земал боледување и никогаш веќе не се вратил на работа. Тој наводно пател од клаустрофобија и не можел да влегува во рудникот. Во 2006 година Карло поднел барање за пензија, а бидејќи ги исполнувал сите услови поставени од италијанската држава, пензијата му била одобрена. Уште поинтересно е тоа што пред да земе боледување, тој во рудникот работел само неколку дена. Потоа отишол на лекар и му се пожалил колку му е тешко на работа.

„Рударството никогаш не ми се допаѓаше. Признавам, дојдов до пензија без да работам никогаш ништо. Секогаш правев што можев само да не влезам во јамата. Во тоа ми помагаа многу лекари“, рекол Кани за италијанските медиуми.

Карло во текот на 35-те години користел разни изговори за да го продолжи боледувањето: од почетната клаустрофобија, преку хемороиди, амнезија, а кога ќе му снемало болест, ги чешал очите со прашина од јаглен за да изгледа болно и измачено.

„Главно останував дома и слушав џез. Многу ја сакам таа музика. Сепак во последните неколку години уживав сам седејќи во фотелја без да работам ништо“, раскажал Карло.

Според медиумите во Италија, постојат многу дупки во законот за работни односи кои Италијанците често ги користат за да не работат, но да добиваат пари од државниот буџет.

Текстот Маж 35 години бил на лажно боледување, па отишол директно во пензија е превземен од Reporter.mk.