Маж украл пари од месарница, скокнал во Вардар, па барал помош да не се удави

Маж кој украл пари од месарница во Велес, откако бил откриен, сакајќи да избега се фрлил во Вардар, па почнал да бара помош за да не се удави, пишува порталот тирековмирече. Според сведоците, кои учествувале во фаќањето на крадецот, сè било како во филм.

„Вработениот во месарницата беше излезен надвор, а внатре влезе некое лице, и за кратко излезе од дуќанот. Кога вработениот нешто го праша и се обиде да го сопре, тој почна да бега. Истрча преку блиската железничка рампа и низ месноста Дворови, каде што се одвиваше бркотница. Преку еден од сокаците, тој стаса до Вардар и скокна во реката“, рекол велешанец за порталот.

„Слушнав викање помош, помош. Во мракот не се гледаше кој и каде е, но гласот доаѓаше од реката. Го слушна друг минувач и се симна до брегот, сакаше да скокне да го вади, но давеникот беше близу и со помош на една даска која му ја даде човекот, тој се фати и излезе на брегот“, раскажал друг сведок на настанот.

Таму веќе била полицијата и екипа на Итната помош, а дежурниот доктор му дал прва помош. Од МВР рекле дека случајот е расчистен.

Текстот Маж украл пари од месарница, скокнал во Вардар, па барал помош да не се удави е превземен од Reporter.mk.