Никола Ѓуричко ќе ја учи македонската публика како се става кондом

Српскиот глумец Никола Ѓуричко на 15 ноември ќе настапи во Дом на АРМ во Скопје со своето стендап-шоу „Сè што сте сакале да знаете за Џони, а не сте смееле да го прашате“. Следниот ден, 16 ноември, тој со истото шоу ќе гостува и во Штип.

„Кога наполнив 40 години една од роденденските одлуки ми беше да направам свое стендап-шоу. Многумина од пријателите ме советуваа да го сторам тоа. Се надевам дека не беа само љубезни. На 9 јули наполнив 43 години. Што се случи и зошто ми беа потребни три години? Можеби животот ме прегази? Знам само дека материјалот цело време ми беше подготвен. Но, признавам дека малку бев уплашен. Како и да е, јас настапувам“, вели Ѓуричко.

Во „Сè што сте сакале да знаете за Џони, а не сте смееле да го прашате“ Ѓуричко дава одговор на прашањата: за колку пари ги продавал туристичките аранжмани за Хаваи, што морал да пее во прво одделение, зошто носел хеланки, како добил две наградни излегувања во град и ред други интересни работи. Ѓуричко во својот стендап објаснува како правилно се става кондом и што не смее никогаш да се става во очи.

Популарниот глумец настапи во филмовите „Ивкова слава“, „До коска“, „Ќе се вратат штрковите“, „Зона Замфирова“ и други. Тој неодамна најави дека ќе се сели во Америка, каде што ќе ја продолжи кариерата.

Гостувањето на Ѓуричко во Скопје и во Штип е во организација на „КМК продукција“.

Текстот Никола Ѓуричко ќе ја учи македонската публика како се става кондом е превземен од Reporter.mk.