„Новопечни инфлуенсерки, не може да се сликате легнати до тигарот во тигреста купаќа“, реагираат од скопската ЗОО

Тина Мицковска, пиар на скопската зоолошка, револтирана од инфлуенсерките на „Инстаграм“ и новопечените блогерики, кои „сакаат да јаваат слонче“ или „со две раце да гушкаат жирафа ко да се другарки“,  јавно ги искара и им објасни за правилата во зоолошката.

Тина, со поддршка од тимот на зоолошката, јавно ги сподели невозможните барања на македонските инфлуенсерки, кои за популарност и лајкови „би легнале и во тигрести купаќи покрај тигарот“. Според неа, за да соберат повеќе лајкови на социјалните мрежи не е лошо наместо будалаштини „да се фатат за лопата и да го исчистат изметот од кафезите на животните“.

„До сите новопечени инфлуенсерки и блогерки: Не, не може да јавате слонче! Не, не може да се сликате легнати до тигарот во тигреста купаќа! Не, не може да го држите Коко за рака и како демек шетате! Не, не може да ги пуштиме лемурите надвор од живеалиште за луѓето да мислат дека сте на Мадагаскар! Не, не може да ја гушнете жирафата со две раце као демек ептен ве сака и сте најдобри пријателки! Не, не може папагалот за на стори да ви каже ‘ја сакам Разменка во поштенско сандаче’! Не, не може да позирате со лавот и да пишете King and Queen. Наместо да ви текнуваат вакви будалаштии, дојдете фатете се за лопата и чистете им го изметот, повеќе лајкови ќе соберете“, напиша таа.

Не е првпат Тина да реагира бурно на барањата и однесувањето на посетителите во зоолошката градина. Таа често реагира на непримерното однесување на луѓето што ги хранат животните, ги прескокнуваат оградите, влегуваат во кафезите за да направат што подобра слика, но и да ги погалат животните.

Текстот „Новопечни инфлуенсерки, не може да се сликате легнати до тигарот во тигреста купаќа“, реагираат од скопската ЗОО е превземен од Reporter.mk.