Од НАСА со месеци се обидувале да го „разбудат“ роботот на Марс

Голем број техничари во НАСА од 10 јуни со пораки и команди се обидувале да го активираат роверот „Опортјунити“, кој поради испразнетите батерии бил неактивен.

Роверот не бил во можност повторно да ги наполни батериите, како резултат на песочната бура што со месеци спречувала продор на сончевите зраци.

Контролорите на летот во НАСА чекале порака од роверот од 10 јуни, кога изгубиле секаков контакт со него. Бурата на Црвената Планета почнала да се создава на почетокот на мај минатата година.

Шефот на програмата, Џон Калас, објаснил дека мисијата првично требало да трае три месеци. Инженерите знаеле дека крајот еден ден ќе дојде, но не можеле да замислат дека ќе трае толку долго.

„И покрај големиот број обиди да го вратиме во живот, ништо не добивме како одговор. Иако станува збор за машина, сепак тешко ми е да ѝ кажам збогум“, изјавил Калас.

НАСА ги лансираше роверите „Опортјунити“ и „Спирит“ во 2003 година да ги испитаат карпите и тлото на Марс. „Спирит“ не работи неколку години, додека „Опортјунити“ продолжил да истражува значително подолго од очекуваниот рок на траење.

„Опортјунити“ слетал на Марс на 24 јануари во 2004 година и поминал повеќе од 45 километри, пред да престане да испраќа сигнали.

Текстот Од НАСА со месеци се обидувале да го „разбудат“ роботот на Марс е превземен од Reporter.mk.