Она што го гледаме на небото деновиве се сателитите за интренет на Илон Маск

Мистериозните светлечки траги што изминатите денови можеа да се видат и на небото над Македонија се телекомуникациските сателити „старлинк“, што речиси една година ги лансира „СпејсЕкс“, компанијата на американскиот милијардер Илон Маск.

Првата серија од 60 сателити беше лансирана во мај минатата година и целта на Маск е создавање констелација од илјадници мали сателити во вселената кои ќе овозможат целата Земја да биде покриена со интернет.

Секој сателит е тежок 227 килограми и оваа констелација постепено ќе се надградува. Секој пат одеднаш ќе се лансираат по 60 сателити, кои, како што можеше да се види и деновиве, одат по небото еден по друг, оставајќи впечаток на воз.

Маск почна да го развива проектот „Старлинк“ во 2015 година и неговата вредност се проценува на 10 милијарди долари.

До 16 април, „СпејсЕкс“ лансирал 362 сателити и во план е тоа да се изведува на секои две недели. Констелацијата би требала да се состои од 12.000 сателити, што подоцна би можело да биде и проширено.

Фото : ЕПА 

Текстот Она што го гледаме на небото деновиве се сателитите за интренет на Илон Маск е превземен од Reporter.mk.