„Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова e роман на годината

Романот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова, е избран за „Роман на годината“ за 2019 година. Оваа награда ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Најновиот роман на познатата писателка е избран за најдобар на тајно гласање и со мнозинство гласови. Николова е прва која оваа награда ја добива вторпат. Првпат наградата „Роман на годината“ ѝ е доделена за „Куклите на Росица“ во 2004 година.

На конкурсот за „Роман на годината“ пристигнале 38 романи.

„Некои од романите ја рефлектираат целокупната општествено-политичка клима во земјава, други пак, гравитираат околу некои од најсуштинските интимни и егзистенцијални прашања, преиспитувајќи и книжевно обмислувајќи го односот со другоста, идентитетот, историјата (личната и колективната)…“, рече на денедшната прес-конференција Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата.

Оливера Николова, која е родена 1936 година во Скопје, е писателка за деца и возрасни. Попознати дела за деца ѝ се: „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“, „Девојките на Марко“, а нејзини дела за возрасни се книгите раскази „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата „Сребреното јаболко“, романите „Куклите на Росица“, „Белиот чад“ и други. Таа е добитничка на повеќе домашни и меѓународни признанија.

Текстот „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова e роман на годината е превземен од Reporter.mk.