По 67 години престана да се печати „Плејбој“

Списанието „Плејбој“ престана да се печати по 67 години. Отсега списанието ќе продолжи да ги објавува своите содржини само на интернет, а повремено ќе има специјално издание што ќе излегува во печатена форма.

„Магазинот кој со децении беше синоним за сексуалната револуција преку мешавина на голи фотографии и најразновидни содржини, ќе го заврши своето печатење во САД по речиси седум децении“, објави „Плејбој ентерпрајзис“.

Списанието, кое последниве години се бореше за профитабилност, особено по смртта на неговиот основач, Хју Хефнер во 2017 година, на крајот стана жртва на пандемијата со коронавирус што го зафати светот.

Хефнер почна да го издава „Плејбој“ во 1953 година. Списанието стана најдобро продаваниот магазин за мажи во светот. Во најдобрите години се продаваа по 7 милиони примероци месечно. Во првото издание беа објавени голи фотографии од Мерилин Монро, кои Хефнер ги откупил за 200 долари. На насловните страници на магазинот се појавија најпознатите светски ѕвезди – пејачки, глумици, модели… Издавањето на магазинот од Хефнер направи милионер, а тој подоцна го прошири бизнисот во казина и ноќни клубови. Познат беше и по секојдневните забави што се одржуваа во плејбој-замокот, а на кој секогаш присуствуваа најголемите светски ѕвезди. Откако Хефнер почина на 91-годишна возраст, неговиот наследник, синот Купер, се откажа од списанието.

Текстот По 67 години престана да се печати „Плејбој“ е превземен од Reporter.mk.