Почина Жак Ширак

Француските медиуми денеска јавија дека починал Жак Ширак, поранешниот претседател на Франција. Тој имаше 86 години. Ширак беше роден на 29 ноември 1932 година во Париз.

Беше претседател на Франција во два мандата, во периодот од 1995 до 2007 година. Претходно беше градоначалник на Париз.

Во негово време Франција го прифати еврото како валута. За една од неговите најголеми реформи се смета скратувањето на претседателскиот мандат од седум на пет години.

На 15 декември 2011 година Ширак е осуден на условна казна од две години, поради злоупотреба на државните фондови и конфликт на интереси во време додека бил градоначалник на Париз.

Би-би-си наведува дека во последните години неговото владеење беше одбележано со низа корупциски скандали.

Ширак ќе биде запаметен како државник кој се противеше на американската воена интервенција во Ирак, но и заговорник на бомбардирањето на Југославија.

Текстот Почина Жак Ширак е превземен од Reporter.mk.