Продадена Титовата „Јадранка“

Јахтата на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, „Јадранка“, ја купил претприемач од Австрија, објави РТС.

Министерството за одбрана на Црна Гора минатата година заработило околу 1,8 милион евра од вишокот од вооружување и воена опрема, во што спаѓа и „Јадранка“, се наведува во годишниот извештај на Министерството.

Во извештајот се укажува дека бродот го купил Марко Млакуќ, кој живее во Австрија, а кој со договорот, потпишан во септември, платил за оваа јахта 51.000 евра, пишува „Вјести“.

„Јадранка“, која е изградена во 1977 година во бродоградилиштето во хрватска Краљевица, најпрвин била проценета на 80.000 евра.

По распадот на поранешна Југославија, јахтата останала во пристаништето Бар, каде што извесен период ја користел црногорскиот државен врв.

Од времето на распадот на Југославија, како што пишуваа медиумите, јахтата претрпела најмалку една поморска несреќа, а како што не се вложувало ништо во неа, имало опасност дека ќе се распадне и за време на извлекувањето од морето.

„Јадранка“ веќе долго време е на копно и го чекаше својот нов сопственик.

Владата на Црна Гора во 2017 година донесе одлука јахтата да се стави надвор од оперативна употреба и да се огласи како вишок бидејќи било констатирано дека состојбата на конструкциските елементи на јахтата се лоши и дека потребно е големо вложување во погоните.

Јахтата има осум легла, а можела да прими и до 40 дневни гости. Тито пловел со „Јадранка“ 24 пати од 1977 до 1980 година, главно на релациите на северен Јадран.

Текстот Продадена Титовата „Јадранка“ е превземен од Reporter.mk.