Русинка минала 21 час на душек на отворено море

На крајот на јуни, Русинка поминала 21 час на душек, на отворено море, откако претходно била однесена од брановите.

Педесет и петгодишната Олга Кулдо вели дека се смрнзала за време на доцните вечерни часови, кога бурата и силната струја ја однеле неколку километри од крајбрежјето на Крит.

Повеќе од 20 часа се држела за душекот, плашејќи се од ајкулите и гладните птици. Олга претходно ги игнорирала предупредувањата дека ќе има бура и влегла во водата да се искапе. Таа не му кажала на семејството каде ќе оди.

„Не сум добар пливач, па затоа цврсто се држев за својот душек, затоа што мислев дека на тој начин ќе можам да стигнам до брегот“, изјавила Олга, која инаку работи како кардиолог во Москва.

На Крит често дува силен ветер и спасувачите постојано даваат предупредувања да не се влегува во вода кога сметаат дека не е безбедно. Струите и ветерот ја носеле се подалеку од брегот. Почнала да вика, но никој не ја приметил.

„Со доаѓањето на ноќта орел прелета над мојата глава и тогаш десетина минути подоцна изби бура. Брановите беа огромни“, раскажува Олга, која во одмаралиштето, пристигнала со нејзиниот сопруг и ќерката Јулија.

Се плашела да не заспие, па да пропуштела можност да ја спасат. Почнала да пее и зборувала со себе за да се одржи будна.

„Не затворив око ни за секунда. Бев сигурна дека некако ќе стигнам до брегот. Но, всушност воопшто не се движев“, наведува Олга.

Таа навела дека околу нејзе летале многу птици и се плашела дека можат да ја повредат неа или пак да го уништат душекот. Најлошо било навечер.

„Секакви мисли ми минуваа низ главата. Чувствував разни работи како ми ги допираа нозете“, раскажува Олга додавајќи дека се уверувала самата себе си дека тоа е само морска трева.

Кога нејзиното семејство сватило дека ја нема, Олга веќе била повеќе од четири часа во море. Полицијата ги пронашла нејзините работи на плажата и веднаш испратила чамец во потрага. Нејзиниот сопруг и ќерка поминувале низ плажата додека нуркачите ја пребарувале водата.

„Го бараа нејзиното тело. Никој не веруваше дека е жива“, изјавила Јулија.

Сепак, среќната Русинка приметила авион. Немала сила, па само ги споила дланките и ги подигнала над главата, како да се моли.

„Едвај се движев, мускулите ми беа како камења. Мислев дека пилотот можеби не разбира дека ми е потребна помош“, наведува Олга.

Во прашање бил авионот Фронтекс, кој патролирал на границата со ЕУ во потрага по имигранти. Олга од морето била извадена на 28 јуни, од страна на екипажот на патролниот чамец кој трагал по имигранти. Таа била најдена на 11 километри од брегот Крит. Веднаш ја пренеле во болница.

„Не ја препознав. Отишла да плива околу три попладне, а спасена е попладнето следниот ден“, вели Јулија.

Олга се здобила со потсекотини и минала 24 часа во болница, по што била пуштена на домашно лекување. Во текот на денот сонцето буквално ја изгорело и била лекувана поради изложеност на жешко, студ и проблеми со срцето.

Текстот Русинка минала 21 час на душек на отворено море е превземен од Reporter.mk.