Синот на Боб Марли ќе настапи на „Д фестивал“ во Дојран

Еден од синовите на легендарниот музичар Боб Марли, Ки-Мани Марли, годинава ќе настапи на „Д фестивал“ во Дојран. Ова ќе биде јубилејно, 10. издание на фестивалот, а ќе се одржи од 3 до 5 јули.

Настапот на Ки-Мани се поклопува со годината во која светот го одбележува 75. роденден на реге легендата. 43-годишниот музичар продолжи преку музиката да ја шири пораката на својот славен татко и одлично ќе се вклопи во мотото на фестивалот „Мир, единство, еднаквост… почувствувај ја љубовта“. Марли досега има издадено седум албуми.

Освен него, на „Д фестивал“ ќе настапат и ЛД Пистолеро, Телемама, „Партибрејкерс“, германското електронско дуо „Бука шејд“ и легендата на светската транс сцена Астрикс. На фестивалот ќе се одбележат и половина век Златно славејче.

Организатори се „Пасворд продукција“ од каде велат дека наскоро ќе објават имиња на уште неколку учесници.

Текстот Синот на Боб Марли ќе настапи на „Д фестивал“ во Дојран е превземен од Reporter.mk.