Tекстoт за песната „Хеј Џуд“ продаден за скоро еден милион долари

Рачно напишаниот текст за хитот на Битлси, „Хеј Џуд“, кој го пишувал Пол Макартни, е продаден на аукција за скоро еден милиот долари. Ова е девет пати повеќе од првично определената цена што ја побарал аукциската компанија „Џулиенс Окшн“.

Музичкиот експерт на фирмата оценил дека станува збор за исклучително редок и вреден примерок од музиката. Тоа е текст, што Макартни набрзина го има напишано на рака, пред да се сними песната која ќе стане еден од најголемите хитови на Битлси.

„Тоа е хит што сите добро го знаат, а тие, така напишани стихови биле користени во текот на снимањето на песната“, објаснил овој експерт и признал дека сепак не очекувал тој да достигне вака висока цена.

Аукцијата била спроведена преку интернет. Засега не се открива кој е купувачот.

На продажба се нашле околу 250 разни предмети поврзани за британската поп група. Дел од тапаните на Битлси, на кој се гледа и нивното лого, а кои биле користени за првата турнеја на групата во САД во 1964 година, бил продаден за 200 илјади долари. Пепелникот за цигари што го користел нивниот тапанар Ринго Стар во студиото „Аби Роуд“ во Лондон, на аукцијата е купен за 32.500 долари.

Аукцијата била спроведена по повод 50-годишнината од разделбата на Пол, Џон, Џорџ и Ринго и престанувањето на постоењето на Битлси.

Текстот Tекстoт за песната „Хеј Џуд“ продаден за скоро еден милион долари е превземен од Reporter.mk.