(Видео) Астронаут открива како изгледа животот во вселената

Американскиот астронаут од НАСА Дон Томас (63) вели дека ништо не може да ве подготви за првиот поглед на планетата Земја од вселената. Томас вели дека првиот впечаток што ќе го добиете е чувството дека атмосферата на земјата е тенка како лист хартија.

„Тоа не е она просторно, прекрасно сино небо на кое имаме навикнато. Атмосферата изгледаше како тенок лист од хартија. Потоа следува црната вселена. Таа е потемна од тоа што можеме да замислиме. Не постои астронаут на кој носот не му бил залепен за стаклото од ракетата“, изјавил Томас.

Томас вели дека да се стане астронаут не е нималку лесна работа.

„Дипломата од физика е еден од основните предуслови да се стане астронаут. Јас магистрирав и докторирав инженеринг, но и тоа не ми беше доволно. Бев трипати одбиен. Дури откако добив дозвола за пилот и научив да скокам со падобран, ја добив работата во НАСА. Тоа беше мојот четврти обид, кога имав 33 години“, вели Томас.

Како што се раскажува, Томас тренирал четири години пред првата мисија, која траела 15 дена.

„НАСА не подготвува за сè, идејата е да ги совладаме сите можни искуства на Земјата за да немаме никакви изненадувања во вселената. Летаме со млазни и специјални авиони способни да создадат период на нулта гравитација во траење од 30 секунди“, вели Томас.

„Тренираме и под вода за вселенските прошетки. Исто така сме подложни на опсежни, постојани медицински прегледи. Во мое време имаше по двајца астронаути за секоја мисија кои беа поранешни воени пилоти. Тие беа одговорни за летањето и слетувањето на шатловите. Двајцата пилоти беа обучени да направат сè, па дури и медицински да интервенираат во случај некој да се разболи. Но, сите го имавме основното знаење. Дури и јас бев обучен како можам да го спуштам шатлот безбедно на Земјата. Но, не како нив“, вели Томас.

НАСА големо внимание посветува за тоа некој од астронаутите да не се разболи. Сепак, и покрај големите напори да бидат преземени сите безбедносни мерки, мачнините и повраќањата се многу чести на вселенските патувања.

„Мачнината од вселената е доволно лоша само по себе. Околу третина од астронаутите страдале од неа. Повраќале. Можете да замислите како тоа изгледа во вселената. Не е нималку пријатно“, вели Томас.

Томас вели дека уште во првиот ден кога патувал во вселената помислил дека имал средба со вонземјаните.

„Потребни ни беа осум и пол минути за да влеземе во вселената, 200 милји над Земајта. Станува страшно тивко кога ќе стигнете таму. Тогаш се откопчувате и испливувате од своето седиште. Секој ден гледаме 16 вртења и заоѓања на Сонцето. Првиот ден во вселената погледнав низ прозорецот и  блесок ми западна во око. Секоја секунда вртењето се случуваше сè поблиску и поблиску. Не можев да верувам дека првиот ден во вселената стапив во контакт со непознат. Но, мојот вонземјанин на крајот се покажа дека е парче лед кое испаднало од шатлот и блексаше секој пат кога од него ќе се одбиеше сончевата светлина. Уште една неверојатна слика беше огромната светлина која мина со неверојатна брзина. Како ѕвезда која паѓа. Си замислив и желба, да се вратам дома безбедно“, раскажал Томас.

Како изгледал работниот ден на астронаутите во вселената? Првата мисија на Дон била истражување на ефектите од нултата гравитација на течностите и огнот. Откриле дека течноста во такви услови се обликува во совршена тркалезна сфера, а и огнот исто така добива облик на топка.

Томас вели дека астронаутите во период од 24 часа спиење, околу 7 до 8 часа се врзани за креветите, за да не лебдат наоколу. Имаат еден час време за оброци и околу еден час време за разонода и вежбање.

Астронаутите се забавуваат со шах, чии фигури во себе имаат магнети за да останат прицврстени на таблата, а понекогаш си играат и дофрлања, со тоа што место топче, користат по еден член од екипажот.

„Сега сум престар за вселенски патувања и се пензионирав, но ги учам децата за чудните работи што се случуваат во вселената секој ден. Кога ќе почувствувате налет на адреналинот каков што може да го почувствувате на патот кон вселената, тешко е да знаете што е тоа што ќе ви се случи следно. Мојот сон е да примам повик од некој кого сум го инспирирал да ги следи моите чекори“, вели астронаутот.

„Утрото кога за првпат полетав во вселената беше највозбудливото во мојот живот, но за мојата сопруга беше најлошото. Таа се грижеше премногу за тоа дали ќе се вратам назад“, изјавил Томас.

 

 

 

Текстот (Видео) Астронаут открива како изгледа животот во вселената е превземен од Reporter.mk.