(Видео) Уапсен пироман кој подметнувал пожари на југот во Грција

Благодарение на дојавата на Јоргос Митропулос во Маратиас, на југот во Грција, уапсен е пироман кој ги подметнувал пожарите.

Митропулос го снимил на дело и веднаш ја известил полицијата. Во меѓувреме објавено е и второ видео кое го снимил Митропулос.

Митропулос на својот профил на Фејсбук објавил снимка која ја направил во неделата на 22 јули, додека минувал низ Маратиас. Прво забележал неколку огнови, а потоа и човек кој се затскрива во грмушките.

„Ми стана сомнителен. Се посомневав дека ги потпалува пожарите. Почнав да го следам, а веднаш ги известив и властите. Десет минути подоцна, повторно го видов како се движи меѓу грмушките. Ќе го видите на снимката во тревата. Тогаш ги повикав пожарникарите. Забележав дека зеленилото почнува да дими. Беше уапсен во Амалиада. Се надевам дека ќе биде осуден“, навел Митропулос.

Грчките медиуми потврдуваат дека овој пироман е уапсен и дека набрзо ќе биде изведен пред судот.

Во катастрофалните, најверојатно подметнати пожари, во областа околу Атина, од понеделникот вечерта загинале 82 лица. Многу од нив биле и деца. Повеќе од 180 лица се повредени. Размерите од оваа трагедија допрва треба да се утврдуваат. Во Грција на сила е тридневна жалост.

Текстот (Видео) Уапсен пироман кој подметнувал пожари на југот во Грција е превземен од Reporter.mk.