Во Австрија веќе нема да се носат маски во училиштата и продавниците

Австријците од средината на јуни веќе нема да треба да носат маски во училишта, продавниците и во сферата на туризмот, откако бројот на активни случаи на коронавирус во земјата падна под 650, објави австриската влада.

Австрија беше меѓу првите европски земји што воведе обврска да се носат маски, прибегнувајќи кон таа мерка уште на почетокот на април, а за да го спречи ширењето на пандемијата на Ковид-19.

Иако мерката значително ќе се олесни од средината на јуни, таа нема да биде целосно укината. Маски и натаму ќе треба да носат патниците во јавниот превоз, фризерите и келнерите, а маска ќе треба да се носи за време на јавни настани каде е невозможно да се задржи минимално растојание од еден метар.

„Маските ќе ги тргаме чекор по чекор“, рече на прес-конференција канцеларот Себастијан Курц, истакнувајќи дека новата фаза подразбира помалку правила и поголема индивидуална одговорност.

Новата политика поврзана со заштитните маски е нов чекор во постепените напори на Австрија за враќање во нормалниот живот. Хотелите и фитнес центите се отворија минатата недела, а претходно беа отворени и продавниците, училиштата и рестораните.

Текстот Во Австрија веќе нема да се носат маски во училиштата и продавниците е превземен од Reporter.mk.