За првпат во историјата измерени над 20 степени на Антарктикот

За првпат во историјата температурата на Антарктикот достигнала рекордни 20 степени, велат научниците. Тим од експерти на островот Сејмур измериле температура од 20,75 степени.

Тоа претставува доказ дека во последните година дена, овдешните температури драстично пораснале со голема брзина, велат експертите. Тие стравуваат од климатската нестабилност, која се случува во овој момент во, како што велат тие, најголемото складиште на лед во светот, пишува „Гардијан“.

Температурата од 20,75 степени е измерена на 9 февруари и истата претставува поголема од претходниот рекорд од 19,8 степени измерени во 1982 година. Засега се чека овие рекордни температури да ги потврдат и од Светската метеоролошка организација.

Научниците кои ги собираат податоците за температурата на секои три дена ги опишале новите рекорди како неверојатни и ненормални временски прилики. Големето топење на лед на Антарктикот предизвикало и пораст на нивото на морето од три метри, пред 120.000 години, велат тие.

„Го следиме овој тренд на топење на многу места и можеме да кажеме дека никогаш немаме видено вакво нешто“, изјавил Карлос Шефер, кој работи за бразилската влада која го проучува влијанието на климатските промени на 23 локации на Антарктикот.

Според зборовите на Шефер, температурата на полуостровот, на Јужните Шетландски Острови и архипелагот Џејмс Рос, на кој припаѓа и островот Сејмур, била променлива, а по ладењето во првата деценија на 21 век, нагло почнала да се загрева.

И додека температурите во источниот и централен дел на Антарктикот се релативно стабилни, расте загриженоста на западниот дел од континентот, каде загревањето на океанот влијае на топењето на глечерот. Тоа досега довело до пораст на нивото на морето.

Текстот За првпат во историјата измерени над 20 степени на Антарктикот е превземен од Reporter.mk.